Телекомуникацискиот оператор ОНЕ и Авалон Продукција ја продолжуваат соработката и во следната, 2013 година. Со новиот договор, брендот на ОНЕ и во наредната година ќе стои зад македонската музичка ѕвезда, Каролина Гочева.
- Ние во ОНЕ сме особено горди на соработката со Каролина. Каролина е синоним за ѕвезда со континуирана популарност и стабилна музичка кариера, а нејзината музика е модерна, урбана и надалеку препознатлива. Сето тоа одлично се вклопува со нашиот бренд и токму затоа одлучивме да го продолжиме партнерството со неа и во следната година, изјави на прес конференцијата, главниот оперативен директор на ОНЕ, Тадеј Ленрачич.
На прес-конференцијата на која беше објавено продолжувањето на соработката, почната минатата година, Каролина Гочева истакна дека досега се реализирани неколку рекламни кампањи, издаден е албум, а им претстои заеднички новогодишен концерт закажан за 22-ри овој месец во Скопје. Таа изрази уверување дека соработката во наредната година ќе биде уште поуспешна.
Плод на едногодишната соработка на ОНЕ и Авалон Продукција се неколкуте рекламни кампањи во кои Каролина имаше носечка улога, првиот компилациски албум на Каролина насловен како „Најубави песни“ кој содржи 12 најубави и 4 бонус нумери, видео записот за песната „Тој“ и претстојниот, новогодишен концерт, во Универзалната сала во Скопје.
Според сопственикот на Авалон продукција Бобан Милошевски сите три страни се задоволни од соработката која се базира на квалитет.